Османи: Одлуката да не одам во Бања Лука не ја донесов како Албанец

Мојата одлука е согласно интересите на државата, а интересите на државата се во рамки на Стратегијата на Европската унија, и присуството би значело оштетување на интересите на државата, изјави vво саботата вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи прашан за одлуката да не учествува на конференцијата за Западен Балкан во Бања Лука.

„Одлуката не ја донесов како Албанец, туку како европеец, којшто верува во европската иднина на регионот. Стратегијата на ЕУ за регионот предвидува перспектива на сите шест земји од регионот за членство во ЕУ и еден од предусловите за да може овој регион да стане дел од ЕУ, е помирувањето. И каква и да е иницијатива со која не се дава придонес кон помирувањето, туку напротив се исклучува една од државите, е спротивна на идејата на самата Стратегија“, рече Османи.

Тврди дека и да доколку на споменатата конференција не била повикана некоја друга држава, немало да учествува на таа конференција, бидејќи, како што рече, не е во духот на соработката и регионалното помирување.

„Сметам дека таа одлука е во рамки на интерсите на државата“, додаде Османи.

Претходно во петокот вицепремиреот за европски прашања Бујар Османи потврди за медиумите дека нема да присуствува на конференцијата во Босна и Херцеговина за Западен Балкан, поради тоа што Косово не е покането на овој собир. Од Владата, пак, во петокот вечерта одговорија дека станува збор за процена на вицепремиерот.

„Вицепремиерот Бујар Османи има донесено сопствена процена да не учестува на конференцијата посветена на Западен Балкан. За ова прашање не е разговарано на ниво на Влада на РМ и се работи за проценка на вицепремиерот“, велат од Владата на Република Македонија.

Претходно беше објавено дека вицепремиерот Бујар Османи го откажал учеството на Македонија земја на конференција посветена на Западен Балкан во Бања Лука, поради Косово. Инаку БиХ не го има признаено косово.

Како што информираше Koha, Османи се решил на ваков потег во консултации со Албанија. Порталот јави дека и „двете земји ќе ја бојкотираат оваа важна конференција затоа што не е покането Косово“.

Министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, го информирал својот колега од БиХ, дека нема да присуствува, а според Koha, истото го сторил и Бујар Османи. Тие сметаат дека не може да се разговара за Западен Балкан без учество на делегација на Косово.