Османи: Откако го завршивме прашањето за јазикот и за договорот со Бугарија, сега приоритет ни е спорот со името

Владата во следниот период ќе се фокусира на прашањето на името со цел забрзување на евроинтеграциите, изјави во вторникот вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Истакна дека и неговите посети денеска на Берлин и месецов на Атина, како и најавената посета на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас на Македонија на крајот на месецов, се во тој правец.

„Ова прашање веќе станува приоритет на Владата. Ние завршивме две крупни прашања – прашањето на јазикот и на договорот со Бугарија. Сега имаме енергија да се фокусираме на прашањето на името. Очекуваме на тој пат да имаме што повеќе пријатели и затоа е целата активност на оваа Влада во комуникација со сите држави, но и со нашиот јужен сосед и со останатите соседи. Да ја искористиме оваа позитивна клима која што ја има во државата, во регионот, во Брисел, во земјите членки на ЕУ, да ги затвориме прашањата и да направиме суштинско прекршување во правец на евроинтеграциите“, рече Османи одговарајќи на новинарско прашање пред денешната средба со амбасадорите на земјите од Западен Балкан.