Османи: Поддршката од Франција на процесот на проширување на ЕУ е важен импулс за евроинтегративните процеси на целиот регион

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија, Бујар Османи, оствари средба со дректорката за континентална Европа при француското министерство за надворешни работи, Флоренс Манжин.

На почетокот на средбата вицепремиерот ја нагласи одличната и блиска соработка на Република Македонија со Република Франција, во однос на имплементација на потребните реформи поврзани со евроинтегративниот процес на земјата, која продолжува и понатаму преку амбасадорот Тимоние. Тој истакна дека Франција е многу важна земја членка на Унијата, и од исклучително значење за успешното интегрирање на земјите од Западниот Балкан во ЕУ. Во таа смисла поддршката што новиот претседател на Франција, Емануел Макрон, ја дава за проширувањето на Европската унија, влева силен поттик за реформските процеси во Македонија, но влева оптимизам и кај останатите земјите од Западниот Балкан.

„Изгубивме премногу време пред вратите на Европската унија и тоа лошо се одрази на состојбите во Македонија. Сакаме да ја искористиме оваа можност, овој нов моментум кој влева оптимизам во земјава и кај земјите членки на Унијата, и да испорачаме резултат. Ние ќе ја вратиме довербата на граѓаните во институциите, ќе го зајакнеме владеењето на правото и повторно ќе ги увериме меѓународните партнери за нашата вистинска цел која води во патот на кон ЕУ“, истакна Османи на средбата.

На крајот на средбата двата соговорници се согласија дека проширувањето на Унијата мора да продолжи и дека Македонија нема друга алтернатива освен евро-атлантската интеграција, притоа, Вицепремиерот Османи побара поддршка за обезбедување конкретни чекори од страна на земјите членки на унијата, кои би претставувале исклучително важен поттик за зачувување и засилување на фокусот кон евроинтегративните процеси.