Османи: Потребен ни е широк општествен консензус а реформите од Планот 3-6-9

Вицепреиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, одржа во петокот брифинг со новинарите на кој беше презентирана содржината на „Планот 369+“, предвидената динамика за неговата имплементација, како и значењето на Планот за Република Македонија во контекст на севкупните европски и евроатлантски интегративни процеси.

На почетокот, Вицепремиерот Османи изрази задоволство од имплементацијата на првиот дел од Планот, делот три, за кој, како што наведе Османи, постои задоволителна исполнителност од над 80 отсто од предвидените мерки и активности.

„Планот 3-6-9 го крунисавме со одржување на фер, слободни и кредибилни избори, што беше една од главните цели на Планот“. истакна Османи, додавајќи дека потврда за тоа се извештаите на сите релевантни институции кои го следеа изборниот процес, меѓу кои секако е и ОБСЕ/ОДИХР.

„По завршувањето на изборите, Владата повторно агресивно се врати на реформската агенда, и деловите шест и девет од Планот 3-6-9 веќе се ставени во агенда за имплементација“ изјави Османи.

 

Потенцираше дека Планот 3-6-9+ претставува единствена целина, во која се содржат сите реформски обврски на Република Македонија, а кои потекнуваат од забелешките, препораките и сугестиите од страна на Европската Комисија, Венецијанската комисија, ГРЕКО и сите други релевантни меѓународни институции кои вршат оценка на состојбите во Република Македонија.

„По имплементацијата на деловите шест и девет, не очекувам да имаме нов дел 12, туку одлука за започнување преговори со Европска унија и покана за членство во НАТО“, рече меѓу другото Османи.

Османи ги потенцираше и реформите во приоритетните области, за кои Владата презеде обврска да ги имплементира заклучно со февруари 2018 година, пред излегување на стратегијата за проширување на Европската Комисија, која ја најави Претседателот на Комисијата Жан Клод Јункер. Тоа се реформите на безбедносните служби, Реформите во правосудството, како и реформите на јавната администрација.

„Мора да обезбедиме законска, правна и организациона рамка во која ќе ја спречиме можноста за злоупотреба на безбедносните служби, да ја зајакнеме независноста и ефикасноста на судството, но и да ја ослободиме администрацијата од политички влијанија и да поставиме систем за нејзина професионализација“, посочи Османи.

Ги потенцираше и приоритетните реформи во секоја од областите на кои веќе се работи како што е усвојувањето на стратегијата за реформи во правосудството, укинувањето на Советот за утврдување на факти и одговорност на судии, зајакнување на надзорната улога на Собраниските комисии врз безбедносните служби итн.

Османи потенцираше дека следи многу активен период на имплементација на овие реформи, за кои, тој побара вклучување на сите активни општествени чинители, граѓанскиот сектор, експертите во соодветните области, а особено опозицијата, укажувајќи на контекстот во кој се наоѓаат евроатлантските интеграции на Република Македонија.

„2018 година претставува историска шанса за Република Македонија за затворање на прашањето за ЕУ и НАТО. Оваа шанса не смееме и не треба да ја пропуштиме, затоа што тоа ќе претставува историска грешка“, рече Османи и додаде дека „клучни се следните шест седмици“, кои ќе ја детерминираат судбината на следните шест месеци, кои, пак, претставуваат „историска шанса“ за евроатлантските интеграции.