Османи: Прашањето за албанскиот јазик не е затворено

Континуирано ги зборуваме истите прашања. Секогаш викаме дека рамковниот договор е решението за Република Македонија. Тоа е мировен договор подржан од меѓународната заедница, од нашите партнери и не гледаме друго решение освен рамковниот договор, рече портпаролот на ДУИ, Бујар Османи во емисијата „Аргументи“ на ТВ Нова.

Османи смета дека прашањето за јазик не е затворено:

– Едно прашање коешто не е затворено е прашањето на јазикот. Тоа прашање беше сукцесивно решавано парче по парче поради политичкиот контекст, поради бројките во Собранието, поради отсуство на желба кај македонските политички партии. Сепак, за да не дозволиме целосно да не се имплементира тој дел, тој пакет од рамковниот договор сукцесивно се решаваше прашање по прашање, последното во 2011-та година со измените на законот во коишто се дозволи поширока употреба на албанскиот јазик. Никогаш нема да најдете реченица на ДУИ дека тоа прашање е затворено, смета Османи.