Османи пред амбасадорите на ЕУ го презентираше „Планот 3-6-9“

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи во просториите на Делегацијата на Европската унија во Скопје во вторникот пред амбасадорот на Европската унија, Самуел Жбогар и амбасадорите на земјите членки на ЕУ го презентираше владниот „План 3-6-9“.

„Во овој план се опфатени реформите кои Владата ќе ги спроведува во претстојниот период од 3, месеци односно до одржувањето на локалните избори, а во меѓувреме паралелно се работи и на допрецизирање на мерките кои треба да се реализираат во наредните 6 и 9 месеци “, рече Османи.

Притоа, Османи истакна дека Владата се залага за обезбедување транспарентност и инклузивност, вклучително и со вклучување на опозицијата.

На средбата вицепремиерот Османи ја истакна посветеноста на Владата на спроведувањето на овие реформи и важноста да се искористи позитивната клима, но изрази и очекување дека, во согласност со успешноста при реализацијата на превземените обврски, земјите-членки на Унијата ќе преземат конкретни чекори во насока на забрзување на евроинтегративните процеси на Република Македонија, вклучително и чиста препорака за почеток на преговорите.

Планот 3-6-9 првпат беше презентиран пред јавноста минатата недела, и е практично првиот чекор на Владата за сериозен пробив на земјата кон евроатлантските интеграции, по долгогодишниот застој во овие области.