Османи – Сијарто: Поддршката од Унгарија важен поттик за европерспективите

За Македонија 2018 година претставува историска можност  да направи значаен исчекор во приближувањето кон Европската унија и НАТО и во оваа смисла континуираната поддршка од страна на Унгарија претставува важен поттик за европската перспектива на Македонија, истакна вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи на средбата со министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петар Сијарто.

Како што соопштуваат од Секретаријатот за европски прашања (СЕП), Османи изразил благодарност и задоволство од досегашната „принципиелна и гласна поддршка“ на Унгарија за Македонија, како во рамките на Европската унија, така и во рамките на земјите од Вишеградската група.

Османи додал  дека Македонија ќе ги испорача сите реформи кои ги има преземено како обврска за откочување на евроинтегративните процеси, истакнувајќи ја притоа и намерата позитивно да пристапи во разрешувањето на сите отворени политички прашања.

Двајцата соговорници заеднички потенцирале дека Македонија и Унгарија имаат одлични билатерални односи и плодна соработка и дека двете земји остануваат посветени на јакнењето на меѓусебните односи и продлабочување на соработката во сферите од заеднички интерес, стои во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.