Османи во Топ Тема : Мора цврсто да застанеме зад предлогот , ова е златна шанса

Какви се шансите да успее “Република Илинденска Македонија“? Дали Владата игра само на една карта, на се или ништо? Можно ли е решение од кое Грција и Македонија ќе излезат како победници? Дали ЕУ навистина е заинтересирана за европска иднина на Македонија? Во дебатата на Топ тема на Ваша страна на Телма учествуваа Гордан Георгиев, Александар Кржаловски и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи кои ги истакнаа своите ставови за последниот предлог упатен од македонска страна за конечно решение на спорот за името.

Според вицепремиерот Османи овој предлог е добар, ги вклучува сите страни, ги исполнува условите на Грција за одредница до името и во пакетот кој го опфаѓа вклучува и уставни измени и ерга омнес, па затоа мора да се одбрани и цврсто да се застапува понатаму.

Основниот принцип на договарање е додека не се договори се ништо не е договорено, ако отпадне една опција го растура целиот пакет. Мора да направиме разлика помеѓу суштината и формата, како и колку ќе се применува новото име зависи од квалитетот на предлогот, ако има добро решение и опфатот ќе се прошири и спротивно, истакна Османи.

Османи исто така посочи дека компромис треба да направат сите, како Македонците, така Албанците и Грците, не може во овој процес секој да добие се. Тој истакна дека во последниот предлог не се нарушени идентитетските одредници.

Во овој пакет за јазикот стои Македонски со превод Macedonian на англиски, за државјанството стои Macedonian/ Државјани на Република Илинденска Македонија, рече Османи.

Гордан Георгиев оцени дека потегот на премиерот Заев бил спектакуларен иако договорот кој беше постигнат во Софија,  Ципрас го премолчи. Георгиев смета дека не треба да се враќаме на „менито“ кое стои на маса кај медијаторот Нимиц бидејќи не е толку атрактивно и нема да биде добро.

Александар Кржаловски смета дека решението е креативно, ефектот сега е поголем поради одбивањето на Грција кое пак, е прашање зошто отпосле се случи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.