Основачот на Пегида осуден за потикнување расна омраза

Лук Бахман, основач на ултрадесничарското германско движење Пегида денеска е осуден на казна од речиси 10.000 евра заради потикнување расна омраза, односно затоа што бегалците на социјалните мрежи ги нарекувал „стока“ и „ѓубре“.

На основачот на десничарското движење Пегида (Патриотски Европејци против исламизација на Западот) му е нередено да плати казна од 9.600 евра заради коментар на Фејсбук, пренесува МИА.

На судењето во Дрезден, државните обвинители бараа Бахман да добие седум месеци затвор, додека одбраната побара ослободителна пресуда.

Движењето Пегида остро се спротивставува на либералната миграциска политика на Ангела Меркел благодарение на која минатата година во Германија стигнаа повеќе од милион баратели на азил.

Бахман судењето го нарече „политичко шоу“, а неговата адвокатка Катја Рејчел тврди дека тој не пишувал навредливи пораки, туку дека неговиот Фејсбук налог бил „хакиран“.

Меѓутоа, на судот, исто така, беа прикажани снимки од собирот на Пегида во јануари 2015 година на кој Бахман ги бранел своите коментари на Фејсбук изјавувајќи дека едноставно „користи зборови кои секој барем еднаш ги употребил“.

Пегида на почетокот на своите собири успеваше да привлече околу 25.000 лица, но интересот почна да опаѓа откако медиумите нашироко известуваа за неговите претерано расистички изјави и „селфија“ на кои има иста фризура и мустаци како Хитлер.

Рејтингот почна повторно да му се крева со доаѓањето на десетиците илјади баратели на азил од Сирија, Ирак и Авганистан во Германија, пренесува Танјуг.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.