Основање на бунтовничка армија во Киев за да се симне Путин од власт

Во Киев е најавено основање на Руска бунтовничка армија (РБА). Официјално оваа структура ќе биде претставена на 29 декември на Плоштадот на независноста во Киев, додека првите „вежби н борците на РБА“ ќе започнат на 9 јануари 2015 година. Организаторите на Руската бунтовничка армија имаат големи планови. Меѓу нив се и борбата за „сопствена руска национална држава на територијата на Русија“ и влез во НАТО, се наведува во Манифестот на организацијата, објавен на социјалната мрежа Вконтакте, а пренесува порталот ruposters.ru.

„Во своите редови ги повикуваме Русите од Естонија, Литванија, Летонија, Украина, САД и другите земји во кои моравме да избегаме од Русија, која нѐ лиши од можноста слободно да живееме, работиме и создаваме, да застанат заедно со нас и да ја прекинеме оваа историска неправда кон нашиот народ“, пишуваат авторите на овој документ. Во документот се наведува дека организацијата ќе се бори за „рушење на режимот на Путин“, „за прекин на војната во Украина“, и, на крај, за „јакнење на националниот суверенитет на рускиот народ“.

На местото на срушениот режим, авторите на Манифестот планираат да изградат држава во која „сите народи на Руската Федерација ќе бидат рамноправни и ќе имаат право на национален развој, самоопределување и државна самостојност“, како и зачленување во НАТО и либерализација на економијата. Планирано е за оваа „борба на Русите за својата историска татковина“ да се прибираат парични средства преку банката „Приват“, во сопственост на украинскиот олигарх Коломојски.