Основни предуслови за кредибилна реформа на безбедносниот сектор на Република Македонија

Со цел да се заштитат интересите и вредностите на една држава, како и нејзината  внатрешна и надворешна безбедност од можните рапидни промени на светско, на регионално или на локално рамниште во иднина, безбедносните органи на државата мора постојано да преземаат активности кои се неопходни за успешна оедбрана и заштита на сите витални државни функции. Потребно е да се одржи максимална будност, флексибилност и оперативна агресивност со цел успешно спротивставување на константната еволуција и зголемувањето на безбедносните закани и предизвици. За да се обезбедат потребната ефикасност, економичност и навремена адаптација на променливите потреби, неопходно е безбедносниот сектор да поседува капацитети да одговори на современите барања на државата за поддршка на нејзината политика и за целосна заштита на нејзините витални национални цели и интереси.
Со оглед на тоа дека безбедноста во општеството претставува фундаментален интерес и потреба, но и гаранција за остварување на сите активности и општествени вредности, логично е безбедносниот сектор во својот развој да минува низ одредена еволуција и реформа. Реформата на безбедносниот сектор претставува континуиран ризик за демократското функционирање на општеството, бидејќи постои опасност дека некомпетентно и малициозно спроведена реформа на безбедносниот сектор може да придонесе кон намалување на довербата на граѓаните во овој сектор и кон ставање на безбедносниот сектор во улога на заштитник и гарантор на пролонгирање на владеењето на одредена политичка партија.
Преку реформите на безбедносниот сектор, потребно е да се искорени политичкото влијание во истрагите и работата на конституентите на безбедносниот сектор и да се искорени превземање на заслуги за работата на безбедносните органи со цел добивање политички поени. Причинско-последичниот однос помеѓу непрофесионализмот и политизацијата на безбедносниот сектор е многустран, и токму затоа е неопходно да се спреведе сеопфатна и суштинска реформа.
Исто така, реформите мора да бидат транспарентен и инклузивен процес, кој ќе вклучува и конституенти од опозицијата, експертскиот, академскиот и невладиниот сектор, како и постигнување политички консензус за потребата од долгорочен развој на безбедносниот сектор на Република Македонија. Овој консензус треба да биде базиран врз темелна анализа на: моменталната организациска структура, персоналните капацитети, материјално-техничките средства и постоечката законска легислатива. Заради природата на работа на безбедносните служби и полицијата, јасно е дека мора да се направи одреден баланс помеѓу транспарентноста и тајноста. Меѓутоа, тоа не значи дека е дозволиво да се злоупотребува категоријата „тајност“, бидејќи јавноста во работата е еден од најзначајните принципи на современата демократија и одреден степен на транспарентност мора да постои, дури и во работата на тајните служби.
На крај, треба да се истакне дека Република Македонија треба да биде насочена кон изградување на безбедносен сектор кој што ќе биде погоден, ефикасен и компатибилен до таа мера што секој граѓанин кој што е дел од заедницата ќе се чувствува сигурен, обезбеден и слободен во остварувањето на своите права и интереси загарантирани со Уставот, законите и голем број на меѓународни документи. Целта на овој сектор е да ја отстрани загрозеноста која што му се заканува на општеството и неговите составни делови и да овозможи остварување на интересите на поединците како и заштитување на нивните основни слободи и права кои што им се гарантирани со голем број на меѓународни документи, преку ефикасно, брзо и навремено реагирање во сложени безбедносни ситуации.
Автор: Александар Нацев

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.