Македонија

Основното јавно обвинителство поднесе жалба за одлуката за условен отпуст на Кежаровски

Основното јавно обвинителство поднесе жалба за одлуката за условен отпуст на Кежаровски

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска поднесе жалба на Одлуката за условен отпуст на новинарот Томислав Кежаровски, пренесе МИА.

– Во законски предвидениот рок, надлежниот јавен обвинител ја разгледа Одлуката за условен отпуст донесена од страна на Основниот суд Скопје 1. Сметајќи дека со одлуката погрешно е утврдена фактичката состојба во случајот и дека осуденото лице не ги исполнува условите за условен отпуст, надлежниот јавен обвинител поднесе жалба на одлуката, соопшти попладнево Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал.

Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 Скопје на 22 овој месец го прифати предлогот на директорот  на КПУ Затвор Скопје за условен отпуст на новинарот Кежаровски. Со решението на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал Кежаровски се отпушта на ден 18.02.2015 година, од понатамошно издржување на казна затвор.

– Одлучувајќи по предлогот, Кривичниот совет при овој Суд донесе решение со кое го уважи предлогот на директорот за условен отпуст. Со решението, осудениот се отпушта на ден 18.02.2015 година, од понатамошно издржување на казна затвор, изречена со пресуда од Основен суд Скопје 1, а времето на условниот отпуст трае до 27.06.2015 година, односно до истекот на издржувањето на казната на осуденото лице, соопшти по одлуката Судот.

Оваа одлука Судот ја донел согласно член 200, 201, 202 и 203 од Законот за извршувањето на санкции како и член 36 од Кривичниот законик, бидејќи осудениот веќе издржал повеќе од половината од казната затвор, а притоа водејќи сметка за неиздржаниот дел од изречената казна, дека за времето на издржувањето на казната, а особено во период додека тој бил во притвор во истата оваа установа, покажал беспрекорно и примерно поведение, како и влошената здравствена состојба на осудениот заради која со решение на Управата за издржување на санкции му е одреден прекин на издржувањето на казната затвор во траење од 30 дена.

Претходно, со одлука на директорот на Управата за извршување санкции, а на предлог на директорот на КПУ Затвор Скопје, на Кежаровски му беше одобрен прекин на казната во траење од 30 дена поради здравствени причини. По истекот на 30-дневниот период Кежаровски требаше да се врати на издржување на казната на 18 февруари 2015 година.