Осомничен за организирање на убиството на рускиот амбасадор уапсен во Турција

Турската полиција уапсила маж кој можно е да ја имал клучната улога во организирањето на убиството на рускиот амбасадор Андреј Карлов во Анкара кон крајот на 2016 година, пишува во четвртокот дневниот весник Sabah, кој ги наведува само иницијалите В.К.А. но не го открива целосно идентитетот на осомничениот.

Според изворите на весникот, осомничениот бил припадник на организацијата на опозицискиот исламистички проповедник Фетула Ѓулен, којашто турските власти ја ставија вон законот како терористичка организација и ја именуваат како FETO, поради што бил отпуштен од државна служба. Мажот бил претходно притворен на одредено време, но подоцна бил ослободен. Соговорникот на Sabah, исто така, истакнал дека уапсениот ја користел програмата ByLock, со помош на која, според турските власти, припадниците на FETO разменувале шифрирани пораки.

Претходно под сомневање за вмешатност во убиството на рускиот дипломат во Турција беа уапсени пет лица, од кои тројца полициски службеници, директорот на издавачката куќа „Guru Medya“, Хајредин Ајдинбаша, и организатор на изложбата на којашто беше убиен амбасадор, Мустафа Тимур Озкан.

Амбасадорот Андреј Карлов беше смртно засртелан на 19-ти декември во Центарот за современа уметност во Анкара. Атентатот беше извршен кога дипломатот го започна поздравниот говор по повод отворањето на изложбата „Русија со очите на патникот: од Калингнград до Камчатка“. Извршителот Мевлут Алтинташ, полициски службеник, беше ликвидиран од турското обезбедување.

Веднаш по атентатот турските власти објавија дека станува збор за планирана акција а не за индивидуален чин. Турските медиуми и политичари го осомничија Ѓулен кој живее од 1999 година во доброволен егзил во САД, но тој јавно го осуди убиството нарекувајќи го „ужасен акт на теророт“.