Осомничени домашни месни производители како епицентар на смртоносната листерија

Надлежните институции во Македонија се сомневаат дека опасната бактерија листерија, која уби три лица, од кои едно е новороденче, а седуммина други се во тешка здравствена состојба, ја имало во производите на две домашни месни индустрии, дознава „Нетпрес“ од добро информирани извори.

Информацијата која ја објави Институтот за јавно здравје, за присуство на оваа смртоносна заразна бактерија, од која најчесто заболуваат постари лица, трудници, новородениња и лица со нарушен имунитет, ја вознемири јавноста во земјава.

Анализите, кои покажале позитивни резултати за присуство на бактеријата, биле направени во лабораториите на Институтот за јавно здравје и на Ветеринарниот факултет.

Од Институтот одбија да ја потврдат информацијата за името на двете домашни месни производители, кај кои била најдена бактеријата, со образложение дека анализите се’ уште се во тек, а конечните резултати би се знаеле в петок.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Дејан Рунтевски, пак, вели дека во анализите на мостри кои редовно ги прават на домашни и увозни производи, засега не е најдена оваа бактерија.

Бактеријата листерија е многу распространета во природата, оосбено во земја. Од неа заболуват најчесто животни кои живеат во стада, како што се овци говеда, свињи, живина. Луѓето најчесто заболуваат со внесување на недоволно термички обработена храна  која доаѓа од заболено животно или е загадена од нивниот измет (млеко, млечни и месни производи, риба, живинско и говедско месо, зеленчук).

Новороденчињата се заразуваат интраутерино (трансплацентарно или додека минува низ вагиналниот канал).

Листеријата се уништува со добра термичка обработка, со печена и варена храна (над 70 степени целзиусови).

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.