Останува одлуката за одложена либерализација на пазарот на струја

Владата и Министерството за економија остануваат на одлуката за одложување на целосната либерализација на пазарот на електрична енергија во Македонија.

Ова го потврди министерот за економија Беким Незири на Годишното собрание на Македонско-бугарската стопанска комора, пренесува МИА.

– Не сме за опција да има апсолутна либерализација на пазарот на електрична енергија во Македонија, бидејќи тоа би довело до зголемување на цената на струјата за домаќинствата. Сведоци сме дека и сегашната цена на струјата е висока за граѓаните и затоа остануваме на роковите за одлагање на либерализацијата на пазарот на електрична енергија од 18 месеци. Веќе е формиран тим во Министерството за економија и во континуитет правиме анализи какви се ефектите од пролонгирањето и во моментов веруваме дека одлуката што ја донесовме ја поддржуваат и граѓаните, рече Незири во одговор на новинарско прашање.

Согласно законот и договорите што се потпишани со Европската енергетската заедница (ЕЗ), прецизира, веќе дадовме одговор на писмото од ЕЗ со кое се бара во рок од два месеца да продолжи либерализацијата на пазарот на електрична енергија во земјава.

Посочи дека Македонија во моментов има најлиберализиран пазар на електрична енергија во регионот.

– Во нашата држава 40 отсто од пазарот на електрична енергија е либерализиран. На Балканот ниту една земја нема либерализирано повеќе од 10 отсто до нејзиниот пазар, дури некаде воопшто не е либерализиран, нагласи Незири.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.