Остатоци од соборениот малезиски авион на реконструкција во Холандија

Конвој камиони со остатоци од трупот на малезискиот авион МH17, што во јули е соборен на истокот на Украина, пристигна денеска во Холандија.

Остатоците на авионот ќе бидат упатени во холандската воздухопловна база Глизе-Рејн, каде што ќе бидат реконструирани.

Холандскиот јавен сервис НОС емитуваше снимка на која се гледа конвој од осум камиони, кои, со полициска придружба во текот на ноќта ја преминале границата со Германија, на пат кон базата на југот на Холандија.

Холандските власти треба да утврдат што точно се случило со Бонгот 777 и што го соборило на небото над источна Украина, а реконструкцијата на авионот е дел од истрагата која ја водат.

Остатоците од Боингот ќе бидат фотографирани, скенирани и категоризирани пред да бидат реконструирани во хангар.

Во падот на малезискиот авион на 17 јули на истокот на Украина загинаа сите 298 патници и членови на екипажот, од кои две третини биле Холанѓани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.