Македонија

Оставете го автомобилот, возете точак

Оставете го автомобилот, возете точак

Градоначалникот Коце Трајановски, денеска во име на Град Скопје потпиша пристапница за учество во Европската недела на мобилност 2014, со што и официјално почна оваа позната и масовна еднонеделна кампања за одржлива мобилност и почиста средина во Скопје.

Градот Скопје во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Делегацијата на Европската унија во Република Македонија и годинава, традиционално, се вклучува во одбележувањето на Европската недела на мобилност – Денот без автомобили 2014 и организира многубројни манифестации, едукативни работилници, предавања и акции во насока на промоција на алтернативните видови транспорт. Кампањата ќе заврши на 22 септември, на Денот без автомобили, со дефиле на велосипеди кое ќе се вози по градските улици.

– Европската недела на мобилност е кампања која промовира визија на градски улици на кои не доминираат моторните возила. Тоа е недела на велосипедистите, пешаците, возачите на ролери, тротинети, скејт-борди, корисниците на инвалидски колички, на сите учесници во сообраќајот кои не ја загадуваат животната средина, не прават бучава, не го заземаат животниот простор на своите сограѓани. Со приклучување кон Европската недела на мобилност и почитување на нејзините цели сите ние правиме многу – за чистотата на воздухот и животната средина во која живееме, за квалитетот на животот, за безбедноста во градот, за своето сопствено физичко и психичко здравје. Единиците на локалната самоуправа се создадени за организирање на заедничкиот живот на одредено подрачје и решавање на проблемите кои тој ги носи. Градот Скопје многу одговорно и стручно ги согледува состојбите во сите сфери на животот во градот и предлага и реализира решенија за подобрување. Многубројни се проектите што се реализирани, што се во тек или се планирани за во наредниот период, а ги решаваат состојбите кои ги потенцира Европската недела на мобилност. Најголемиот број од нив ќе бидат презентирани со многубројните манифестации во рамки на Европската недела на мобилност, рече денеска градоначалникот Трајановски.

Трајановски додаде дека велосипедот е симбол за превозно средство кое за себе ги врзува слободата на движење, одржливиот развој, ефикасноста, општествениот карактер и социјалната еднаквост, при што бенефитите на животното опкружување се неброени.

– Велосипедскиот сообраќај е транспорт со апсолутен одржлив развој. Свесен сум дека се уште постојат проблеми и дека се потребни подобрувања, проширувања и надградби на веќе реализираните проекти. Верувајте, ние тоа и го правиме, а резултатите од сите преземени активности допрва ќе бидат видливи за граѓаните на Град Скопје. Целта на Европската недела на мобилност е отстранување на проблемите што моторните возила ги предизвикуваат во градовите и повторно враќање на просторот на луѓето – пешаците и велосипедистите, како и на јавниот превоз. Овде не станува збор само за рестрикција на сообраќајот, туку за поттикнување на граѓаните да се вклучат во локалниот живот и да бидат одговорни спрема својата животна средина. Сакам да се заблагодарам на Министерствто за животна средина и просторно планирање, на Делегацијата на Европската унија во нашава земја и на општините во Градот Скопје за повеќегодишното партнерство во организирањето на Европската недела на мобилност. Сакам да се заблагодарам и на Владата на Република Македонија за заедничката организација на дел од настаните во оваа манифестација. Сакам да ги повикам моите сограѓани да се вклучат во оваа кампања, да возат велосипед, да одат пеш, да користат јавен транспорт и активно да придонесат за почиста и поздрава животна средина, нагласи Трајановски.

Градоначалникот Коце Трајановски на 14 вработени во Град Скопје кои на работа доаѓаат со велосипед им додели пофалници.