Осум мигранти си ги зашија устите

Осум мигранти со потекло од Иран си ги зашија устите со игли и конец со цел да протестираат против демонтирањето на јужниот дел од „џунглата“ во Кале, јави дописникот на МИА од Париз.

Тие накратко дефилираа во една од алеите на дивата мигрантска населба, истакнувајќи паноа на кои беше напишано на англиски „Ние сме човечки суштества“ или „Каде е вашата демократија? Каде е вашата слобода?“, откако беше уништена нивната колиба.

Демонтирањето на јужниот дел од џунглаата започна пред три дена во тензична атмосфера со зголемено полициско присуство.

Француските државни служби се обидуваат да ги убедат мигрантите да прифатат решенија за преселување, според префектот во Кале имало уште 200 слободни места, од околу 1.500 ставени на располагање. Во овој дел на дивата наслеба во Кале инаку се претпоставува дека живеат меѓу 800 до 3.450 мигранти.

Многу малку од мигрантите избраа да бидат преселени во другите делови на Франција, имено досега се согласиле да заминат само стотина од нив

Денеска францускиот претседател Франсоа Оланд и британскиот премеир Давид Камерон, кои ја одбележуваат стогодишнината од битката кај Сома, во делот на разговорите покрај Брекзит ќе ја имаат и мигрантската криза со која се соочува Европа и посебно случајот со Кале.