Осум сообраќајки за 24 часа во Скопје

Во текот на изминатите 24 часа на подрачјето на Град Скопје од страна на сообраќајната полиција извршен е увид на вкупно осум сообраќајни незгоди.

Од нив, шест се со последица материјална штета и две се со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле еден возач на патничко моторно возило и еден возач на мопед.

Во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се 26 возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење со возилото, од нив 13 возачи се движеле со брзина поголема од 90 километри на час во населено место, 13 возачи непрописно се престроиле пред крстосница, односно не го користеле безбедносниот појас или го користеле мобилниот телефон за време на управување со возилото, како и шест возачи кои не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, односно не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосниците. Санкционирани се и осум пешаци кои поминале вон обележан пешачки премин. Од нив, на четворица покрај поканата за наплата на глоба издадена им е и покана за сообраќајна поука.

Со помош на специјалното возило „пајак“ вчера од страна на сообраќајната полиција отстранети се 69 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Денеска Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај при СВР Скопје во рамки на проектот „Сообраќајна култура за децата во предучилишни установи“ ќе одржи едукативни работилници во детската градинка „Кочо Рацин“, објект „Наум Наумовски Борче“ која се наоѓа на подрачјето на општина Центар.

За денеска нема најавено вонредни настани со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката сообраќајна регулатива