Осум жртви во несреќа на воен авион на Куба

Кубански воен авион од типот „Антонов“ удрил во планина и се урнал во саботата во покраината Артемиса, на северозападот од Куба, а притоа загинале сите осум припадници на вооружените сили, потврди кубанското министерство на Револуционерните вооружени сили.

„Осум припадници на вооружените сили во авионот, вклучително и екипажот, загинаа. Комисијата на министерството на Револуционерните вооружени сили ги истражува причините за несреќата“, се наведува во соопштението.

Авионот, двомоторниот „Антонов АН-26“, полетал од месото Плаја Баракоа, во предградие на кубанската престолнина Хавана, и удрил во планината Лома де ла Пимиента, околу 80 километри западно.

Повеќето авиони кои се во употреба на Куба се произведени уште во поранешниот Советски сојуз. Авионите од типот „Антонов АН-26“ се произведени во Украина во периодот меѓу 1969 и 1986 година.

Од овој воено-транспортен авион се произведени 1.400 парчиња. Подоцна дел од нив биле преработени во патничката варијанта „Антонов АН-26-100“ кој може да прими 43 патници.

Изминативе години од овој тип авиони се урнале 130 летала, а во тие катастрофи животите ги загубиле повеќе од 1.300 луѓе. Последната хаварија на авион од овој тип се случи во април 2016 година во Судан, кога загинаа пет лица.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.