Осуммина од учениците од Гостивар ја напуштија Токсикологија, сите во добра здравствена состојба

Учениците и професорите од средното економско училиште од Гостивар кои вчеравечер со симтомпи на труење од гас беа хоспитализирани на Клиниката за токсикологија во Скопје се во стабилна здравствена состојба, а осум од 14 ја напуштиле Клиниката во текот на ноќта.

„Имаме одредени резултати кои кај сите се апсолутно во граница на референтни вредности или негативни, чекаме уште резултат од токсиколошките анализи и затоа не можеме одговорно да им кажеме да си одат дома. Но во меѓувреме, пациентите самите си заминуваат на потпис. Шесте што останаа се, исто така, во добра состојба и се нестрпливи да си одат“, изјави утрово за МИА д-р Андон Чибишев, директор на Клиниката за токсикологија.

Пациентите вчера се пожалиле на симптоми на труење од гас, печење во очите, гребење во грлото и проблеми со дишењето. Некои од хоспитализираните тие симптоми ги немале кога дошле на Клиниката, а беа задржани од претпазливост и за опсервација. Пациентите синоќа ги посети и премиерот Никола Груевски.

Треба да се утврди дали труењето е од гас.

„Ќе оставиме прво да ги видиме токсиколошките анализи, што е во наш домен, а другото им го оставаме на другите институции да си проверат за што се работи. За нас е најважно пациентите да се добри, да немаме влошување и животно загрозени“, рече д-р Чибишев.