Освен против АПОЕЛ, Вардар ќе се бори и против традицијата

Македонскиот фудбалски шампион Вардар вечерва (19 часот) во Никозија ќе се соочи со кипарскиот првак АПОЕЛ во првиот меч од второто квалификациско коло во Лигата на шампионите, а црвено-црните освен фаворизираниот противник против себе ќе ја имаат и лошата традиција.

Црвено-црните против себе освен што имаат искусен тим со настапи во групите во еврокуповите, ќе ја имаат и лошата традиција затоа што во квалификациите за Лигата на шампионите, веќе девет години ниту еден македонски клуб не успеал да победи. Од Работнички и триумфот над Дебрецин во Скопје на 2 август 2006 година во второто коло, ниту еден наш клуб не победил.

По тој меч во ЛШ, Работнички загуби двапати од Лил, следеше елиминација на Победа (2007 – Левадија Талин 0-0, 0-1), Работнички (2008 – Интер Баку 0-0, 1-1 со гол на гости), Македонија ЃП (2009 – БАТЕ Борисов 0-2, 0-2), Ренова (2010 – Омонија 0-3, 0-2), Шкендија (2011 – Партизан 0-1, 0-4), Вардар (2012 – БАТЕ Борисов 2-3, 0-0), Вардар (2013 – Стеауа 0-3, 1-2), Работнички (2014 – Хелсинки 0-0, 1-2).

Вардарци освен што ќе се обидат да ја срушат лошата македонска традиција на шампионите, имаат мака поголема, затоа што кипарски АПОЕЛ во последната деценија, еднаш бил елиминиран во првото коло и тоа пред осум години од БАТЕ Борисов во ЛШ, откако дома победи со 2-0, а загуби по продолженија на гости со 0-3).

АПОЕЛ од 2009 година наваму, само еднаш не играл во групите во натпреварувањата на УЕФА (Лигата на шампионите или Лига Европа) и тоа во сезоната 2012/13, а Кипраните досега имаат три настапи во елитната ЛШ и едно четвртфинале.

Уште повеќе, Вардар го дочекуваат со импрестивна низа – 25 години нема пораз на домашен терен во Европа во прво коло. Последен што успеал да го победи АПОЕЛ во Никозија е германскиот великан Баерн Минхен и тоа во сезоната 1990/91 (2-3) и оттогаш следи импресивна низа со 17 победи и четири ремија во овие две ипол децении во прв меч во летните квалификации. Само АЕК Атина (2-2, ЛШ) во 1992, Левски (0-0, Куп на УЕФА) во 1999, Спарта Прага (2-2, ЛШ) во 2004 и Марибор (1-1, ЛШ) во 2013 година успеале да останат непоразени во Никозија во првиот меч дома во која играл најтрофејниот кипарски клуб.

Извор: Спортмедиа

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.