Осветен камен-темелникот на крстот во Бутел

Монтажен крст, висок 51 метар ќе се гради во општина Бутел. Поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан со свештеници од Скопската епархија денеска го осветија камен-темелникот на крстот во Бутел, на кружниот тек кај улиците „Боца Иванова“ и „Александар Урдаревски“.

Крстот во Бутел ќе биде реплика на оној од општината Аеродром, ќе биде монтажен, висок 51 метар, широк 4 метри, со распон на краците од 34 метри, врз постамент од 5,5 метри и фрески на дванаесетте свети апостоли. На крстот ќе биде изведена инсталација за енергетска самоодржливост, а местото околу крстот ќе биде хортикултурно уредено. Крстот треба да биде изграден најдоцна за два месеца.

krst-butel-2

Изработката на проектната документација, како и трошоците за поставување и изведување на крстот е донација од правни и физички лица. Воопшто не се користат буџетски средства од општината, Градот или Републиката. По изградбата, крстот ќе биде предаден во сопственост на општината Бутел.

На церемонијата присуствуваа вицепремиерот Владимир Пешевски, заменик министерот за труд и социјала Диме Спасов, градоначалниците на Скопје Коце Трајановски, на Бутел Петре Латиновски и на Гази Баба Тони Трајковски и првиот човек на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров.

Инцијативата за изградба на крстот е поднесена од Светскиот македонски конгрес на 18 февруари 2016 година до Советот и градоначалникот на Општина Бутел. Советот ја донесе одлуката на 23 февруари, а градоначалникот го издаде одобрението за градба на 25 февруари.