Осветена црквата „Свети Климент Охридски“ во општина Зрновци

Со голем народен собир денеска во населеното место Видовиште, општина Зрновци, е осветена новата црква посветена на Свети Климент Охридски.

Црквата ја освети митрополитот Брегалнички господин Иларион во сослужение на свештенослужители од Брегалничката епархија.

– Жителите на Видовиште прв пат добиваат божји храм во кој ќе можат да ги извршуваат своите христијански потреби, крштевски, венчавки, верски празници и народни собирања. Црквата посветена на Свети Климент Охридски ја осветуваме денеска со Божји благослов, да биде место на христијански собирања, а жителите да бидат поблиску до Бога, истакна митрополитот Брегалнички г. Иларион на народниот собир.

Црквата во Видовиште е инвестиција на Општина Зрновци, а се градеше три години. Во фрескосликањето на внатрешниот дел на црквата покрај општината помогнаа и жители на Видовиште и Зрновци со свои донации и откуп на простор за сликање икони. Фрескоживописот е дело на Валентин Ѓуркович, сликар од Кочани кој ги наслика и фреските во црквата во Мородвис минатата година.

– Општина Зрновци со изградбата и осветувањето на овој црковен храм ја исполнува дамнешната желба на жителите од Видовиште, рече градоначалникот на општина Зрновци Блаже Станков.

По осветувањето, верниците ја разгледаа црквата и присиствуваа на празничниот ручек.