Отчет на градоначалникот Стојановски: Инвестициските патишта водат кон општина Илинден

Инвестициските патишта водат кон општина Илинден како резултат на прогресот во привлекување и ефектуирање во реализација на инвестиции, ова преку својата отчетност денеска го изјави градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски.

Изминатите четири години остварени се 70 нови бизнис инвестиции во општина Илинден, додека од 2008 година до денес реализирани се вкупно 180 инвестиции од кои 33 странски дирекни инвестиции, рече Стојановски.

Посочи дека невработеноста во општината од 38 отсто во 2008 година е намалена и денеска изнесува 6 проценти.

„Во последните четири години изградени се 47,3 километри локална патна инфраструктура, за што се инвестирани 300 милиони денари, како и пешачки и велосипедски патеки во должина од 15 километри со што се олеснува комуникацијата и значително се подобрува безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Изградени се осум нови мостови, од кои шест пешачки, како дел од проектот „Изградба на 10 мостови“, изјави Стојановски.

Реализирани се повеќе проекти, продолжи тој, како изградба на нов објект на Амбуланта во Миладиновци, потоа изградба на нов дел од градинката со капацитет за згрижување на 400 дечиња, воведено е средно образование во општината по изградбата на новата училишна зграда, изградбата на два нови домови на културата, како и за реализацијата на повеќе проекти во областа на заштитата на животната средина.

„Во делот на заштита на животната средина, во рамките на проектот за изградба на систем за прифаќање, третман и одведување на отпадните фекални води од домаќинствата за кој инвестиравме 150 милиони денари, изградивме четири пречистителни станици со капацитет од 1.250 еквивалент/жители и канализациски систем во должина од 16.000 метри во населените места Илинден, Марино и Кадино, кои опфаќаат 1.400 домаќинства“, изјави Стојановски.