Градоначалникот на општина Бутел Петре Латиновски вчера имаше отчет за сработеното во изминатата година. Тој изрази задоволство од реализираното во 2016 година.
Дотолку повеќе, што минатата година ни донесе непредвидливи и непријатни настани. Големи проблеми ни направи и поплавата и земјотресот. Овие елементарни непогоди малку ни го пореметија планираното, но на крајот, со голем ангажман на целата општинска администрација и помошта од Владата на Р Македонија се беше реализирано на време и во интерес на граѓаните.
Од реализираните проекти би ги издвоил следниве:
- Изградивме нова градинка во н. Радишани со капацитет за 120 дечиња.
- Направивме и темелна реконструкција на градинката во Бутел 2 ( нов кров, фасада, нови прозори, врати и.т.н)
- Исто така, темелно ги реконструиравме сите 7 основни училишта на територијата на општина Бутел, така што сите имаат нови покриви, енергетски фасади, некаде нови училници, средени училишни спортски сали, училишни дворови и подготвени ја дочекавме новата школска година.
- Земјотресот направи големи оштетувања во основните училишта ,,Панајот Гиновски,, и ,,Петар Здравковски Пенко,, каде што во од беа преземени големи градежни зафати по препорака на ИЗИС (Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија) и објектите се целосно безбедни за одвивање на наставата.
Би ги споменал и проектите со кои континуирано се подобрува патната инфраструктура.
- Направивме проширување на патот Радишани – Љубанци – Побожје.
- Комплетно ја завршивме новопробиената улица во Љуботен која доби нов асфалт и нов тротоар.
- Почна и продолжува изградбата на новиот булевар од Бутел 2 до големиот вијадукт на Скопската обиколница, всушност продолжението на булеварот ,,Христијан Тодоровски Карпош,, и други зафати за подобрување на патната мрежа.
- Тука се и десетиците проекти за изградба на нови фекални и атмосферски канализации како што е онаа во новата индустриска зона во ,,Расадник,,
- Изградбата на новиот потпорен ѕид за заштита од атмосферски води на куќите од четири улици во Радишани,
- Редовното чистење на реката Серава како превентива од поплави и др.
- На крајот би ги споменал и новите резултати од проектот што треа веќе 12-та година ,,Светлина наместо темнина,, во чии рамки минатата година поставивме ново улично осветлување во должина од 10 км.
- Донесовме и три урбанистички планови, а четвртиот чека на усвојување од Советот на општината.
- Ќе ја споменам и легализацијата на
Дивоизградените објекти која оди континуирано добро. До сега се легализирани над 3500 објекти што е повеќе од половина од бројот на поднесени барања за легализација.
Општина Бутел навреме го донесе буџетот за 2017 година и тој изнесува 434 227 000,00 денари, што морам да кажам дека е еден од најмалите споредено со другите општини во Градот Скопје. Но, е многу реален, особено во делот на капиталните расходи.
Проектите што се планирани за тековната 2017 година:
Планираме да ја завршиме изградбата на фекалната канализација (3 фаза) во Љубанци и последната фаза во Љуботен во вредност од над 17 милиони денари, по што општина Бутел ќе има над 95 % покриеност со фекална мрежа на целата нејзина територија.
- Изградбата на ул. ,,5,, во Визбегово е наш приоритет,
- Пробивањето и изградбата на новата улица (,,50,,) во с. Радишани.
- Исто така, планираме изградба на нов крак на улицата ,,18,, во Радишани.
Изградбата на овие три улици е предвидено да чини околу 17 милиони денари.
- Ќе го реализираме и проектот со кој ќе се финализира изградбата на водоводната мрежа во с. Љуботен.
Се разбира, планираме и повеќе проекти во образованието.
- Би ја спомнал темелната реконструкција на подрачното училиште ,,Св. Климент Охридски,, во Визбегово како последно кое ќе добие нов лик, со нов кров, нова енергетска фасада, нови прозори и врати и ентериерно уредување.
- Интензивирање на процедурата за изградба на ново училиште во Визбегово, заедно со Министерството за образование и наука.
- Ќе се променат и прозорите на ОУ ,,Ацо Шопов,,.
- Ќе извршиме и набавка на нова школска опрема за сите основни училишта (клупи, табли, столчиња).
- Реновираната градинка во Бутел два, ќе добие комплетно ново ентериерно уредување.
За сите овие зафати предвидени се околу 10 милиони денари.
Се разбира, планирани се и многу други проекти, но би завршил со изработката на проект и започнување на изградбата на нова градинка во Бутел 1, поточно во Живко Брајковски, истакна Латиновски.