Отежнат сообраќајот на неколку патни правци, магла на Страцин и Шапка

Поради обилните врнежи од дожд и одрони на патот има прекини и отежнувања на сообраќајот на неколку патни правци низ државата.

Целосен прекин на сообраќајот од еден часот по полноќ има на регионалниот пат Валандово – село Удово кај месноста викана Калковска река поради надојдена вода. Сообраќајот се пренасочува.

Непрооден е и локалниот пат село Железнец – село Мало Илино во Демир Хисар.

Отежнато се одвива сообраќајот на патниот правец Делчево – Македонска Каменица поради обилните врнежи од дожд и честите одрони на патот, а на патот Виница – Берово кај месноста викана Рибарник, поради одрон, сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од 10 метри.

Сообраќајот се одвива отежнато и на патот Маврово – Галичник, 100 метри пред Царева Чешма, поради излевање на вода на коловозот. Од Авто мото сојузот на Македонија препорачуваат да не се користи овој патен правец се до целосна санација.

Поплавување, според информација од РУЦК во општина Сарај, има и на подвозникот кај клучката Матка.

Поради магла утринава намалена видливост од 50 до 100 метри има на Страцин и од 30 до 40 метри на планинскиот превој Стража. На Попова Шапка наместа има остатоци од кашест снег на коловозот.