Отфрлена руската резолуција во Советот за безбедност при ОН

© AFP 2018 / Hector Retamal

Руската резолуција со којашто се осудува нападот на САД, Велика Британија и Франција врз Сирија како кршење на меѓународното право поради наводниот и сѐ уште недокажан хемиски напад во градот Дума, не доби доволен број гласови во Советот за безбедност при Обединетите нации на барање на Москва.

Русија ја претстави нацрт-резолуцијата со којашто се осудуваат дејствијата на коалицијата и бара „од САД и сојузниците веднаш да ја прекинат агресијата против Сирија и, исто така, да се воздржат од натамошна употреба на сила, спротивно од Повелбата на ОН и меѓународното право“.

Постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензиа, исто така, истакна дека земјите коишто ја нападнаа Сирија го нарушуваат меѓународното право и ги извртуваат поимите.

„Вие не само што се ставате над меѓународното право, туку и се обидувате да го преработите. Го кршите меѓународното право, а ги убедувате сите дека вашите постапки се легитимни“, истакна рускиот амбасадор.

Небензиа додаде САД, Велика Британија и Франција продолжуваат да ја понижуваат светската политика и дипломатија во атмосферата на митови кои ги измислуваат, „Така наскоро ќе дојдеме до дипломатијата на апсурдот“, порача рускиот дипломат.

Во разговорот по гласањето пред новинарите Небензиа го постави прашањето „Зошто не го почекавте исходот од истрагата којашто ја баравте?“ повторно обвинувајќи ги Вашингтон, Париз и Лондон дека „демонстрирале отворено непочитување на меѓународното право“. „Се надевам дека вжештените глави ќе се оладат и дека тоа ќе биде тоа“.

Москва и претходно ги обвини САД дека со нападот всушност сакаат да го попречат влегувањето на експертите на Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW) да влезат во градот Дума, а кои во петокот по инсистирањето на Русија и Сирија сепак пристигнаа во Дамас. Се очекуваше во саботата тие да ја започнат истрагата за наводниот хемиски напад од 7-ми април, за кој руските воен експерти кои по два дена влегле во Дума тврдат дека воопшто не се случил.

САД, Велика Британија и Франција пред Советот за безбедност ја бранеа својата воена акција како легална/.

„Уверени сме дека ја осакативме сириската програма за хемиско оружје. Подготвени сме да истраеме во таквиот притисок, доколку сирискиот режим биде толку неразборит да ја тестира нашата волја. Ако сирискиот режим повторно го употреби овој отровен гас, САД се подготвени да пукаат“, изјави американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли.

Откако во 2013 година Сирија му пристапи на договорот за неширење на оружје за масовно уништување, по сличната ситуација исто така во провинцијата Источна Гута, инспекторите на OPCW во втората половина на 2016 година известија дека целиот хемиски боев арсенал на оваа земја е одземен и однесен во странство за уништување, како и дека постројките за негово производство се онеспособени.

За поддршка на резолуцијата на Русија, се изјаснија Кина и Боливија, додека Перу, Казахстан, Етиопија и Евкаторијална Гвинеа беа воздржани. Осум беа против. За да биде усвоен, една резолуција треба да добие девет гласови „за“, а притоа ниедна од петте постојани членки САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција не смеат да вложат вето.

Советот за безбедност од вторникот не усвои три нацрт резолуции за наводниот хемиски напад во Сирија. Русија вложи вето на американскиот предлог, а не минаа ниту два руски предлога.