Откако Макрон не успеа, Меркел ќе го убедува Трамп да остане во иранскиот договор

Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека не успеал да го убеди својот американски колега по должност Доналд Трамп во важноста да биде одржан нуклеарниот договор кој пред три години го потпишаа шесте светски сили со Иран, а во петок тоа ќе настојува да го стори германската канцеларка Ангела Меркел којашто ќе допатува во Вашингтон.

„Сметам, дека тој ќе го отфрли овој договор на своја рака и поради домашната јавност“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон по завршувањето на тридневната официјална посета на САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп до 12-ти март мора да одлучи дали ќе го задржи договорот со кој Иран се обврза да ја ограничи својата нуклеарна програма и е оневозможен да дојде до атомско оружје, за возврат да бидат укинати децениските меѓународни санкции.

Одбивањето на Трамп да го потврди договорот пред Конгресот, на што со закон е обврзан да го прави секои 90 дена, ќе започне во период на голема несигурност, а на Конгресот во тој случај му се даваат 60 дена за повторно воведување или одбивање на големите економски санкции за Иран кои ги симна во 2016 година, според текстот до спогодбата.

По Макрон, во петок во акција на наговарање Трамп да не се откажува од нуклеарниот договор во Вашингтон ќе пристигне германската канцеларка Ангела Меркел и ќе се обиде покрај тоа да го убеди да се откаже и од воведувањето царини за увозот на челик и алуминиум од Европската унија.

Трамп уште во претседателската кампања остро го критикуваше договорот со Иран и го нарекува „безумен“. Токму со истиот израз и Макрон го опиша честото менување на ставовите на Вашингтон по светските прашања, вклучително и борбата против климатските промени и договорот со Иран.
„Краткорочно тоа можеби делува, но многу е безумно на среден и долг рок“, изјави Макрон пред новинарите одговарајќи на нивните прашања по обраќањето пред студентите на универзитетот Џорџ Вашингтон.

Макрон на врвот од своите приоритети за посетата на Вашингтон ја вброи задачата да го наговори Трамп да остане во договорот, но на крајот мораше да признае дека „опасноста е голема“ повлекувањето на САД од спогодбата да се случи.

Иранскиот претседател Хасан Роухани ги отфрли најавите за измените на договорот кои ги предложи Макрон, посочувајќи дека ниту францускиот ниту американскиот челник немаат право да навлегуваат во спогодбата која е склучена во периодот на нивните претходници на должноста, а потписнички се уште четири големи сили. Иран ќе преземе „големки чекори во нашата нуклеарна технологија“, изјави Роухани во средата и го предупреди Трамп дека ќе понесе сериозни последици, но додаде дека мерките ќе бидат „мирољубиви“.

Во меѓувреме иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, ги повика сите муслимански земји да се обединат против САД и другите „арогантни сили“ и повтори дека Техеран нема никогаш да отстапи пред насилниците. Хамнеи порача дека Иран успешно се спротиставил на американскиот притисок и дека така ќе продолжи.

Но германската канцеларка во Вашингтон ќе мора да зборува и за американските царини на алуминиумот и челикот, што може да предизвика трговска војна на штета на глобалната економија. Меркел нема илузии за тоа дека успее да го промени ставот на претседателот Трамп, во прв ред кога станува збор за споменатите царини.

„Треба да се тргне од принципот дека царините ќе бидат променувани од 1-ви мај“, изјавил за медиумите функционер на германската влада под услов да остане неименуван и додал „Мораме да видиме што може да се направи“.

САД во март воведоа царини од 25 отсто на увозот на челик, односно 10 отсто на увозот на алуминиум и ги обвинија трговските партнери за нелојална практика. По реакциите, претседателот Трамп ѝ одобри на Европската унија изземање од царините до 1-ви мај, во замена за поголемо отворање на европскиот пазар за американските производи. Брисел веќе рече дека ќе одговори со противмерки на американските познати производи, доколку бидат воведени царините.

Трамп тогаш се закани и со друга казнена мерка, односно данок на автомобилите кои се стратешки германски производ и создаваат голем суфицит во трговската размена меѓу двете земји на штета на САД.

„Ставот на канцеларката е дека сме наклонети на преговарање, но за тоа е потребно трајно изземање од царините“, рекол германскиот функционер. Истакнал и дека Берлин е подготвен да ги „продлабочи важните и добрите економски односи со Американците“.