Откази им се закануваат на стотина полицајци

Стотина припадници на МВР од различни единици се пред отказ бидејќи по направената внатрешна контрола е многу блиску до утврдување на одговорност за непостапување по службена должност за време на настаните во Собранието на 27 април, објавува порталот „Фактор“.

Министерството за внатрешни работи веќе им даде отказ на 11 припадници на Шестата управа кои не постапувале професионално на 27 април во Собранието, 31 припадник на МВР се под суспензија се уште, а против 70 полицајци и старешини се водат дисциплински постапки затоа што не одговориле на уставните и законски обврски за што може да се соочат со откази.

Припадниците на МВР долго време на „Крвавиот четврток“ не реагираа кога упадна гневната толпа за да се пресмета со пратениците на новата власт и предизвика серија на тешки инциденти. Брутално беа претепани неколку пратеници и новинари, а физички нападнат беше и Зоран Заев. Меѓу насилниците имаше и маскирани луѓе со фантомки кои добро ги координираа групите за напад, па се претпоставува дека дел од нив се припадници на војска или полиција.

Полицијата не беше на ниво на задачата но, без оглед што 2 часа не добиле никаква наредба од Митко Чавков, тогашниот шеф на оперативниот штаб за справување со протестите, поради законските обврски морале да реагираат и да ги заштитат нападнатите пратеници како и да си ја вршат својата должност за одбрана на државна институција и одржување на јавниот ред и мир. Подоцна дојде до интервенција на група на специјалци кои одговараа директно пред тогашниот министер за внатрешни работи Нихуи, иако и самиот тој лошо се снајде и доцнеше со реакцијата барајќи го Чавков два часа да му одговори.

Чавков, како екс началник на БЈК и останатите полициски и разузнавачки структури кои се директно или индиректно вмешани во Крвавиот четврток кривично единствено може да одговараат доколку тоа го побара Јавното обвинителство. Додека ОЈО го водеше Зврлевски истрагата и постапувањето за Крвавиот четврток се одвиваше тромазно и без поголем ефект, па дури ни Чавков не бил повикан на распит ниту пратеницте осомничен дека од внатре ги отвориле вратите на Собранието за да влезе гневната толпа, пишува „Фактор“.