Откриен егзекуторот на американските новинари во Сирија

САД и Велика Британија знаат кој е човекот кој свирепо ги егзекутираше американските новинари Џејмс Фоли и Стивен Сотлоф.

Неговиот идентитет ќе биде обелоденет за неколку дена и „само прашање на време е кога тој ќе биде фатен“, рекле извори од американското разузнавање за британскиот весник Мирор. Весникот наведува дека антитерористичката полиција наскоро во Велика Британија ќе уапси 12 луѓе што се поврзани со припадникот на Исламска држава познат како „Џон“, кој ги уби новинарите.

Егзекуторот е еден од четворицата британски џихадисти познати како „Битлси“, поради нивниот британски акцент.

Весникот вели дека тим на американското Федерално биро за истраги (ФБИ) минатиот месец отпатувал во Велика Британија и дека сега се „затвора обрачот“ околу 12 осомничени за кои се верува дека на „Џихади Џон“ финансиски и на друг начин му помогнале да отпатува во Сирија.