Oткриен првиот „меѓуѕвезден мигрант“ во нашиот сончев систем

Научниците го откриле првиот „меѓуѕвезден мигрант“ во нашиот сончев систем, астероидот именуван (514107) 2015 BZ509, прва  досега позната карпа која се пробила во нашето соседство од друго место во универзумот. Тоа е втората вонземска карпа која предизвика возбуда во последниве неколку месеци откако астероидот „Оумамуа“ пристигна во нашиот сончев систем, но потоа одлета на друга страна, за разлика од новооткриениот астероид.

Научниците се надеваат дека откритието на астероидот може да помогне во разрешување на мистеријата како настанал животот на Земјата.

Астероидот 2015 BZ509  моментално е во орбита околу Јупитер. Од 2014 година кога е откриен е сметан за бизарен објект, а научниците конечно открија зошто: бидејќи не го започнал животт овде. Во нашиот сончев систем, сите планети и повеќето од останатите предмети се движат околу Сонцето во иста насока. Но, вонземните карпи се движат во спротивен правец.

Како дојде до тоа астероидот да се движи на овој начин во орбитата на Јупитер до сега беше мистерија. Ако 2015 BZ509 е роден во нашиот систем, треба да има иста оригинална насока како и сите други планети и астероиди, наследен од облакот на гас и прашина што ги формирале, објаснува д-р Фати Намуни, главен автор на студијата која го открила потеклото на астероидот.

За да го пронајдат потеклото на астероидот, научниците правеле симулации кои се однесувале на периодот на самиот почеток на Сончевиот систем, пред 4,5 милијарди години. Тие покажале дека астероидот од секогаш се движел на овој чуден начин, и затоа мора да дошол од друг сончев систем.

Миграцијата на астероиди од други ѕвездени системи се јавува затоа што Сонцето првично беше формирано од цврсто спакуван ѕвезден кластер, каде што секоја ѕвезда имала свој систем на планети и астероиди. Близината на ѕвездите, потпомогната од гравитационите сили на планетите им помага на овие системи да привлечат, отстранат и да ги фатат астероидите од еден во друг систем, коментира д-р Елена Мораис, другиот член на тимот.

Новооткриениот астероид не е првата вонземна карпа што предизвика интерес во последниве месеци. Мистериозната карпа наречена „Оумамуа” стана позната кога пристигна во нашиот сончев систем во 2017 година. Но, тоа беше само посетител. Новиот астероид е долгогодишен жител и сега е во орбита во нашето соседство.

Откритието може да фрли светлина врз голем број мистерии за тоа како нашиот сончев систем, планетите па можеби и самиот живот се формирале. Истражувајќи како астероидот влегол во нашиот сончев систем може да се дознае за почетоците на Сонцето како и дали состојките од кои настанал животот биле донесени на Земјата од друг посетител од друго место во вселената.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.