Откриена царинска измама и спречен обид за шверц на стока

Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија една царинска измама и спречија повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се задржани патнички возила, регистарски таблички, автоделови, цигари, лекови и фалсификати.

Царинските службеници во текот на изминатата седмица открија обид за избегнување плаќање царински давачки со погрешно тарифирање на стока.

Фирма од Штип, со четири царински декларации, пријавила за увозно царинење неглазирани керамички плочки, со потекло од Кина, декларирани во тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 15 отсто и стапка за ДДВ од 18 отсто, но при контрола на стоката било утврдено дека се работи за глазирани керамички плочки, што се сместуваат во друга тарифна ознака, за што се пропишани стапка за царински давачки од 20 отсто и стапка за ДДВ од 18 отсто.

Врз основа на новоутврдената состојба биле пресметани дополнителни давачки во износ од над 65 илјади денари, а на увозникот му се изречени глоби за направениот царински прекршок во износ од околу 74 илјади денари.

Царината заплени три патнички моторни возила се задржани откако при контрола на патните торби на двајца македонски државјани и еден државјанин на Босна и Херцеговина, патници во автобус што сообраќал од Македонија кон Италија, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат, пронајдени се три  комплети регистарски таблички и сообраќајни дозволи. Возилата претходно биле привремено увезени во државата, но прекршителите не започнале ниту една од пропишаните царински постапки. Се работи за едно возило марка Peugeot 206, едно возило марка Renault Kangoo и едно возило марка Opel Astra, што дополнително биле пронајдени и привремено задржани

Царината заплени и 16 разни делови (ланци за снег, дискови и плочки за кочници, фар и водна пумпа) и 50 литри моторно масло за товарни возила, откриени при контрола на товарно возило со бугарски регистарски таблички, управувано од бугарски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавената стока била пронајдена во страничниот сандак на возилото, и под и над креветот во кабината на возилото.

Во заплената на Царина се и 54 штеки цигари „LD“ и „57“ со македонски акцизни маркички, откриени при контрола на патничко возило со бугарски регистарски таблички, управувано од бугарски државјанин, пријавено за излез од државата. Непријавениоте цигари биле сокриени во резервоарот за плин, во најлонски кеси полни со шеќер, во наслоните на седиштата на возилото и под облеката на возачот.

Запленети се и 120 паковки лекови за плодност и имунитет, од кои 100 паковки со по 1 шишенце и 1 ампула Merional 75 iu, и 20 шишенца Blemisin 15 mg, откриени при контрола на автобус со турски регистарски таблички, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Лековите, сопственост на водичот на автобусот, турски државјанин, биле пронајдени во фрижидерот и во фабричка преграда во предната маска на автобусот.

Меѓу заплената е и стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост, па така привремено се задржани 108 детски шатори и 120 сложувалки со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на стока со потекло од Кина, наменета за фирма увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење.