Откриена е нафта во Република Српска

Министерот Петар Ѓокиќ изјавил дека српската нафтена компанија НИС, во соработка со руската фирма „Зарубежнефт“ открила резерви на нафта во Република Српска.

Министерот изјави дека количествата не се мали, но, според НИС, неопходни се дополнителни истражувања дали нивната експлоатација ќе биде рентабилна. Се смета  дека наоѓалиштето содржи 5.000 тони нафта со добар квалитет.

За истражувањата во Република Српска, НИС и „Зарубежнефт“ формираа заедничка компанија „Јадран Нафтагас“, која во 2011 година со Министерството за индустрија, енергетика и рударство склучи договор за концесија за истражувања и експлоатација на нафата и гас. Концесијата беше добиена на рок од 28 години – три години за истражувања и 25 години за експлоатација.

Доколку бидат откриени резерви од нафта, „Јадран Нафтагас“ презеде обврска во Република Српска да инвестира  229 милиони долари. Истражувања за нафта и гас на територијата на Република Српска се изведуваат над 100 години, но иако се откриени некои наоѓалишта на нафта, се уште не се најдени доволни количества за индустриска експлоатација.