Откриени тројца Руси осомничени за шпионажа во Прага

Чешката служба за безбедност (БИС) неодамна во Прага откри три руски шпиони кои морале во тајност да ја напуштат Чешка, пишува неделникот „Респект“ повикувајќи се на владини извори.

Како што јави дописникот на МИА, според весникот, чешката дипломатија, поради стравувања од ескалација на конфликтот не ги протерала руските дипломати осомничени за нелегални активности во земјата, туку не им биле продолжени визите или дозволите за престој.

На ова Русија одговорила со непродолжување на престојот на двајца вработени во чешката Амбасада во Москва, информираат чешки дипломатски извори.

Во Чешка не е првпат да се споменува Моква во контекст на шпионска афера. Во 2009 година, од чешкиот главен град беа протерани двајца руски граѓани осомничени дека биле агенти кои вршеле неовластено надгледување на активности во областа на нуклеарната енергетика, нафтени ресурси и земен гас.