Отпуштена единствената наставничка по македонски јазик во Мала Преспа

Албанската владата на Еди Рама наместо да ги следи препораките на Брисел и на Стразбур за почитување на правата на малцинствата, спроведува своевидна булдожер-политика, а една од жртвите на таквата политика е наставничка по македонски јазик во Мала Преспа. Според сознанијата на „Дневник“, станува збор за наставничка во основното училиште во село Долна Горица, која потпаѓа под административна надлежност на Kорча.

– Точно е дека наставничката на почетокот од учебната година доби отказ и таквата одлука ги шокир Македонците зашто станува збор за навистина вредна наставничка, која ја сакаат и учениците и родителите. Таа петнаесет години држеше настава по македонски јазик за дечиња од четири села – Горна и Долна Горица, Туминец и Глобочани. Сега веќе нема кој да им предава мајчин јазик – ни вели родител чие дете ја посетува наставата во училиштето „Отпорот на горичани“.

Наставничката што доби отказ, Флорета Никола, не сакаше да даде изјава за „Дневник“, а од македонската заедница дознаваме дека таа се надева на позитивно решение од локалните власти и оти повторно ќе ја вратат на работа.

Kој стигне ќе предава македонски

Но фактот што никој не сакаше јавно и со име и презиме да зборува за овој проблем говори многу. Неофицијално дознаваме дека Никола е жртва на политичките игри и огромниот притисок што владата на Рама го врши врз политичките противници.

– Овде не станува збор за оспорени квалификации на наставничката, како што властите сакаат да ја оправдаат одлуката, туку таа е жртва на политичката пресметка. Се знае дека Македонците во овој крај гласот го дадоа за демократите и тоа Рама не го простува – ни вели извор од македонската заедница.

Според нашите сознанија, сега наставата по македонски во Долна Горица ќе ја извршуваат другите наставници што предаваат на македонски јазик, на пример еден ден наставникот по хемија, друг ден по биологија итн.

Со случајот е запозната и Амбасадата на Република Македонија во Тирана.

– Дознавме за случајот, иако навистина со мало задоцнување. Но, ние преземаме с~ што е во наша можност, остваривме контакти и со префектот на Kорча при што ни беше кажано дека случајот се разгледува. Ние очекуваме позитивна одлука. Ни беше кажано дека отказот е поради немање соодветни квалификации, односно наставничката не била професор по македонски јазик – ни изјавија од амбасадата.

Рама повеќе мисли за Рамковниот

На прашањето дали албанската држава има педагошка настава на македонски јазик, со што Никола или некој друг ќе се стекнеле до соодветна диплома, од амбасадата ни одговорија дека нема, но дека постои Лекторат за македонски јазик во Тирана.

Но тоа, сепак, не е соодветна високошколска установа со која кој било ќе се стекне со диплома соодветна да одржува настава. Kако алтернатива се споменува вклучувањето во наставно-образовниот процес на дипломирани студенти-Македонци од Албанија, но за такво нешто треба да има интерес, а во моментов, според нашите сознанија, нема.

Препораката на Советот на Европа Албанија да ги почитува правата на малцинствата согласно конвенцијата и да стори с~ за да обезбеди услови за спроведување настава на македонски јазик доби поинаков одговор. Испаѓа дека Еди Рама е повеќе загрижен за спроведувањето на Рамковниот договор во Македонија отколку за правата на Македонците во државата на чие чело е тој и во која тоа малцинство уредно си ги плаќа даноците. Наместо со унапредување на правата, Македонците се соочени со нови притисоци и закани, а тоа се гледа и со Законот за територијалната поделба и со новиот закон за малцинствата, кој се одолжува.

НОВА ПЕТИЦИЈА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

Пред една година Македонското друштво МОСТ од општина Требиште, област Голо Брдо, покрена петиција потпишана од Македонците во Требиште до образовните институции и министерството за образование на Албанија во која бараа двапати неделно нивните деца во училиште да го изучуваат предметот македонски јазик.

На оваа петиција, дирекцијата за образование на Пешкопеја, под која спаѓа областа Голо Брдо, одговори дека децата од септември 2013 година со почетокот на новата учебна година може да го изучуваат предметот македонски јазик само од седмо одделение и тоа како втор изборен странски јазик. Но, од септември 2013 година образовните институции на Албанија ниту од седмо одделение не дозволија изучување на македонскиот јазик.

Македонското друштво МОСТ во октомври 2013 година повторно поднесе петиција до образовните институции, но тие воопшто не одговорија. А, како што дознава „Дневник“, неодамна МОСТ поднесе уште една петиција за македонскиот јазик, односно се бараат барем 24 часа неделно настава на македонски јази во училиштето „Десет покојници“.

Извор: Дневник