Отпуштени десет вработени во прилепски „Еурокомпозит“, се најавува генерален штрајк

Вработените од прилепскиот комбината „Еурокомпозит“ најавуваат генерален штрајк и блокада на фабриката откако десет членови на сидникалниот одбор во четвртокот добиле отказни решенија, без притоа да добијат некакво објаснување од страна на генералниот директор.

Вработените на Владата ѝ дадоа 48-часовен рок за да го разреши менаџерскиот тим, бидејќи, како што рекоа, се сомневаат дека менаџерскиот тим не работи согласно законите и има направено малверзации во финансискиот дел на фабриката.

„Директорот Александар Кузески без никакво објаснување денеска ги потпишал отказните решенија за 10 членови на синдикалниот одбор на ‘Еуркомпозит’, потоа ја напушти фабриката без да ни соопшти за неговата одлука, а решенијата ни ги поделија вработените во правната служба, коишто, пак, додека ги делеа отказите ги чуваше обезбедување. Ова е срамота што се случува, со оваа одлука комплетно е суспендиран синдикатот во ‘Еурокомпозит’. Отказите се сомневаме дека ги добивме поради тоа што поднесовме кривични пријави против директорите Александар Кузески и Тони Дукоски. Дека истите ќе бидат сменети добивме ветување и од вицепремиерот (Кочо) Анѓушев, но наместо тоа сега добиваме отказ. Затоа утре ќе ја блокираме фабриката и најавуваме генерален штрајк“, истакна Роберт Богданоски, претседател на синдикалниот одбор.

Ова не е прв протест кој го најавуваат вработените. Тие претходно повеќе дена протестира бидејќи си ги бараа заостанатите десетици плати и придонесите.