понеделник, 22 мај 2017  |  Вести денес: 35

Отпуштените работници од „Винојуг“ со отворено писмо побараа помош од ЕУ и ОБСЕ

Отпуштените работници од „Винојуг“ денес упатија отворено писмо до шефот на делегацијата на ЕУ во Република Македонија Аиво Орав, како и до шефот на мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, Нина Суомалајнен.

Отпуштените хигиеничари протестираат пред Министерството за труд и социјална политика, фото: Нетпрес

Отпуштените хигиеничари протестираат пред Министерството за труд и социјална политика, фото: Нетпрес

Поврзани вести

Отпуштените работници од „Винојуг“ денес упатија отворено писмо до шефот на делегацијата на ЕУ во Република Македонија Аиво Орав, како и до шефот на мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, Нина Суомалајнен.

Интегрален текст од писмото:

Исправени пред една неправда која се врши врз нас како припадници на ромската заедница во Република Македонија и вработени во Прифатниот центар за мигранти во Гевгелија, бараме од вас со целиот ваш авторитет да се вклучите во заштита на нашите права кои без никаква причина ги прекршува техничката министерка за труд и социјална политика, Фросина Ташевска Ременски.

Повеќе од шест месеци професионално и одговорно ги извршувавме нашите работни обврски во Прифатниот центар Гевгелија како ангажирани хигиеничари и чесно ја заработувавме нашата плата и обезбедувавме егзистенција. Техничката министерка за труд и социјална политика без никаков повод и причина реши да го прекине нашиот ангажман и да вработи 36 активисти на нејзината политичка партија од Гевгелија. Нашето тврдење е поткрепено со конкретни докази за политичката припадност на овие луѓе.

На почетокот на оваа работна недела одржавме мирни протести пред министерството при што остваривме средба со техничката министерка  на која очекувавме да бидат прифатени нашите барања. Одговорот кој го добивме во најмала рака беше омаловажувачки. Ташевска Ременски наместо да ја корегира нејзината одлука соочена со обелоденувањето на податоците за партиски вработувања таа се обиде да преговара со непристојни предлози. Конкретно нејзина понуда беше да бидат вратени само половина од отпуштените а другата половина да останат од нејзината политичка партија. Овој предлог дополнително не омаловажи и навреди и го напуштивме состанокот. На средбата не добивме и одговор зошто сме отпуштени од нашите работни места.

И пред вас потврдуваме дека ние 44 на број професионално ја обавувавме нашата работа, поминавме низ неколку обуки, работевме на изградба на кампот и одржувавме високо ниво на хигиена и кога низ него минуваа и по 15.000 луѓе дневно.

Фактот дека сите отпуштени сме од ромска националност и не припаѓаме на ниту една политичка партија додека новоангажираните сите се од македонска националност и членови на Социјалдемократскиот сојуз не наведува да веруваме дека врз нас се врши дискриминација на етничка и политичка основа.

Дополнителен аргумент дека техничката министерка најбезобзирно го партизира Прифатниот центар е тоа што  не го почитува заклучокот од Владата на Република Македонија според кој треба договорите  министерството да ги склучи со постојните ангажирани лица во Прифатниот центар во Гевгелија односно со нас. Ова префрлање на одговорност  од нејзина страна го доживуваме како омаловажување.

Како авторитети ве информираме дека постои голем револт и чувство на онеправданост и бараме од вас да не заштитите од злоупотребите  на техничката министерка Фросина Ременски. Во време кога е многу важно функционирањето на Прифатниот центар таа одлучува да ги згрижи сопартијците факт кој ќе се одрази квалитетот на работата бидејќи новите лица кои се ангажираат немаат никакво искуство.

Исто така во интерес на вистината сакаме да појасниме дека и во минатото односно изминатите месеци и сега и во иднина хигиеничарите во Прифатните центри се плаќаат со средства обебзбедени од УНХЦР  токму поради тоа  ве молиме да се заложите и да ни помогнете за да се спречи оваа дискриминација и ова деструктивно однесување на техничката министерка.

Доколку не ни се реши статусот нам ни преостанува единствено да ги продолжиме протестите во наредниот период и блокирање на Прифатниот центар за мигранти во Гевгелија како единствена непосакувана опција.

Со почит,

44 отпуштени хигиеничари од Прифатен центар Гевгелија

Во прилог на писмото, отпушените работници ја доставија и копијата од одлуката на владината седница во која се посочува дека технички назначената министерка Ременски се задолжува да им го продолжи договорот на работниците.

odluka-vlada-1

 

Најчитани вести