Отпуштените Роми со отворено писмо бараат помош од УНХЦР и УНДП

Отпуштените Роми со отворено писмо бараат помош од УНХЦР и УНДП.  Oтпуштените работници од привремениот транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија денес упатија писмо до претставникот на Канцеларијата на високиот комесаријат  за бегалци на ОН (УНХЦР)-Скопје Мохамед Ариф, како и до постојаниот координатор  на Обединетите Нации и претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Република Македонија, Луиза Винтон.

Интегрален текст од писмото:

Ви се обраќаме со должна почит и со цел да ви ја претставиме ситуацијата во која се наоѓаме по вина на техничката министерка за труд и социјална политика, Фросина Ташевска Ременски. Од вас бараме со вашиот авторитет да не земете во заштита од дискриминацијата која се прави врз нас и да помогнете да се спречи понатамошното влошување на работата во Прифатниот центар во Гевгелија.

Изминативе неколку месеци бевме ангажирани како хигиеничари во Прифатниот центар за мигранти во Гевгелија. Нашата работа ја работевме чесно и одговорно во дадените услови и на тој начин ја обезбедувавме егзистенцијата на нашите фамилии. Без никаква причина и најава техничката министерка го прекина нашиот ангажман и вработи на наше место 36 членови и активисти на нејзината политичка партија. Медиумите веќе известија со докази за политичката припадност на овие луѓе кои Фросина Ременски ги ангажира со договор.

Во понеделникот оваа недела одржавме мирни протести пред министерството при што остваривме средба со техничката министерка  на која очекувавме да бидат прифатени нашите барања. Наместо тоа добивме непристојни предлози да бидат вратени само половина од отпуштените а другата половина да останат од нејзината политичка партија. Овој предлог дополнително не омаловажи и навреди и го напуштивме состанокот. На средбата не добивме и одговор зошто сме отпуштени од нашите работни места.

Сакаме да потенцираме дека ние 44 на број кои не отпушти техничката министерка, стручно ја обавуваме нашата работа, поминавме низ обуки, работевме на изградба на кампот и одржувавме високо ниво на хигиена и кога низ него минуваа и по 15.000 луѓе дневно .

Сите отпуштени сме од ромска националност и не припаѓаме на ниту една политичка партија додека новоангажираните сите се од македонска националност и членови на Социјалдемократскиот сојуз. Ова не наведува да веруваме дека врз нас се врши дискриминација на етничка основа.

Техничката министерка најбезобзирно не го почитува заклучокот од Владата на Република Македонија според кој треба договорите  министерството да ги склучи со постојните ангажирани лица во Прифатниот центар во Гевгелија односно со нас. Ова префрлање на одговорност дополнително не омаловажува.

Би сакале да ве информираме дека постои голем револт кај нас и бараме од вас да не заштитите од самоволието на техничката министерка Фросина Ременски. Во услови кога е многу важно функционирањето на Прифатниот центар таа одлучува да ги згрижи сопартијците, факт кој ќе се одрази квалитетот на работата бидејќи новите лица кои се ангажираат немаат никакво искуство.

Исто така во интерес на вистината сакаме да појасниме дека и во минатото односно изминатите месеци и сега и во иднина хигиеничарите во Прифатните центри се плаќаат со средства обебзбедени од УНХЦР,  токму поради тоа  ве молиме да се заложите и да ни помогнете за да се спречи оваа дискриминација и ова деструктивно однесување на техничката министерка ременски.

Доколку не ни се реши статусот нам ни преостанува единствено да ги продолжиме протестите во наредниот период и блокирање на Прифатниот центар за мигранти во Гевгелија како единствена непосакувана опција.

Како прилог на писмото…

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.