Отровна вотка прави пустош во Украина

Обвинителството во Харков во последните 24 часа пријавило уште пет смртни случаи, додавајќи дека од петокот веќе 13 лица во овој регион умреле од смртоносната вотка.

Во Доњецк се пријавени уште пет мртви лица, кои ја пиеле истата вотка, информира полициската управа од Киев.

Полицијата соопшти дека првите смртни случаи беа пријавени претходно од регионот на Харков, каде во моментов 53 лица се лекуваат од труење со нелегално произведена вотка, пренесуваат француските медиуми.

Властите наведуваат дека привеле пет осомничени лица, сите сопственици на пиљари во Харков, кои сега се соочуваат со казна од пет до 10 години затвор доколку бидат осудени за незаконско производство на вотка.

Нелегалниот алкохол е широко распространет во руралните делови на Украина. Француските медиуми наведуваат дека, сепак, смртните случаи од труење со нелегална вотка се реткост во оваа земја, за разлика од Русија каде широко е распространет „домашниот“ алкохол од кој годишно умираат повеќе илјади лица.