Отсега, електронско плаќање на даноци

Управата за јавни приходи соопшти дека отсега граѓаните можат да плаќаат даноци преку интернет со Visa, Maestro и MasterCard безготовинска картичка. Единствено што треба да направат е да се регистрираат и да креираат кориснички профил на електронскиот сервис „е-Плаќање на даноци“ https://etax.ujp.gov.mk

– Услугата „е-Плаќање на даноци“ овозможува да заштедите време, да ги избегнете каматите за задоцнето плаќање, и како даночен обврзник (физичко лице) да вршите он-лајн преглед и плаќање на вашите даночни долгови за Персонален данок, ДДВ и Радиодифузна такса. Новата електронска услуга на УЈП „е-Плаќање на даноци“ овозможува секој граѓанин да врши он-лајн плаќање на Персонален данок, ДДВ и Радиодифузна такса со безготовинска картичка Visa, Maestro или MasterCard, издадена од домашна банка – објаснуваат од УЈП.

Регистрацијата на „е-Плаќање на даноци“ е бесплатна, не е потребен дигитален сертификат, единствено што е потребно е граѓанинот да креира кориснички профил на електронскиот сервис „е-Плаќање на даноци“ https://etax.ujp.gov.mk

Покрај електронско плаќање на данок, со регистрацијата и користењето на оваа услуга, граѓанинот може да врши преглед и во секое време да има увид во состојбата на даночните долгови.

Новата услуга за интернет плаќање на даноци е автоматски овозможена за 23.328 даночни обврзници – физички лица кои се веќе регистрирани корисници на електронските сервиси на УЈП со или без дигитален сертификат (е-Радиодифузна такса, е-Поднеси даночна пријава).

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.