Отштетната клаузула за Иско дури 700 милиони евра

Откако 25-годишниот шпански фудбалски репрезентативец Иско го потпиша новиот договор со Реал Мадрид, шпанските медиуми во саботата ги потврдија шпекулациите дека во договорот е вброена и отштетна клаузула од дури 700 милиони евра.

Имајќи предвид дека Барселона остана без бразилската ѕвезда Нејмар, чијашто отштетна клаузула од 222 милиони евра многу лесно ја платија сопствениците на Пари Сен Жермен, во Реал Мадрид сега сакаат да ги заштитат своите најдобри фудбалери, па затоа во новите договори вклучуваат високи клаузули.

За Иско, кој веќе се докажа и му се предвидува уште поблескава иднина, „кралевите“ бараат оштета од 700 милиони евра. А толку, сепак, никој во моментов не е подготвен да плати за ниту еден играч.

Иско во 2013 година од Малага дојде во Реал Мадрид за 30 милиони евра, а новиот договор го врзува со мадриѓаните до летото 2022 година, со годишна плата од шест милиони евра.