Отстранета барикадата на мостот во Митровица

Барикадата на главниот мост на реката Ибар во Косовска Митровица е подигната во 2011 година и е една од последните од тој период. Во акцијата на уривање на барикадата вчера рано утрото беа вклучени два багера и повеќе товарни камиони со српски регистерски таблички со помош на граѓаните, објави Танјуг. Акцијата траела во текот на ноќта и поминала без инциденти. Припадниците на италијанскиот контингент на КФОР и косовската полиција ја набљудуваа акцијата, а немаше собири на граѓани.

Од вчера утрото сообраќајот преку главниот мост на Ибар, по речиси три години, одново е нормализиран и можат да се видат автомобили кои од јужниот поминуваат во северниот дел од градот и обратно. Сепак, движењето го надгледуваат припадници на КФОР и патрола на косовската полиција.

Оваа барикада на северната страна од мостот беше една од најголемите подигнати во тој дел од Косово во 2011 година кога Србите на северот од Косово со барикади и блокади на патиштата се спротивставија на косовските институции. Барикадата беше само симболична, бидејќи сообраќајот меѓу двата дела од градот сосема непречено се одвиваше преку друг мост.