Отуѓување на земјиштето наменето за изградба на објект за времено сместување во општина Центар е во согласност со законските прописи

Министерството за транспорт и врски реагира на соопштението на општина Центар, во кое се известува дека „…градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски бара Владата да ја поништи лицитацијата на која се продаде градежно земјиште за 71 денар од квадрат во центарот на Скопје…“

Од министерството ја информираат јавноста дека целокупната постапка за отуѓување на земјиштето наменето за изградба на објект за времено сместување во општина Центар е во согласност со законските прописи, а истата е реализирана на транспарентен начин, при што секој може да има увид во извршеното јавно наддавање. Цените за отуѓување на градежното земјиште, сопственост на Република Македонија се утврдени со „Уредбата за начинот и постапката на отуѓување и давање под закуп на државно земјиште, сопственост на Република Македонија“, која е објавена во Службен весник на Република Македонија и истите се во зависност од локацијата и намената за градба.

Оваа локација е отуѓена по пат на јавно наддавање и цената од 61 денар за метар квадратен е само почетна цена на јавно наддавање, а финалната цена ја утврдува интересот на пазарот, односно колку учесници ќе се пријават за јавното наддавање. За отуѓувањето на оваа локација беше пријавена една компанија, која е и најповолен понудувач.

„Со оглед на тоа дека ова не е прва реакција на градоначалникот на општина Центар против инвестиции кои се реализираат во неговата општина, а очекуваме и дека нема да биде последна, го прашуваме врз основа на кој член од Законот за градежно земјиште бара поништување на јавното наддавање, дали е свесен дека доколку се поништи истата, државата ќе треба да плаќа казни, предвидени со законската регулатива и го покануваме да каже што е незаконско во постапката за отуѓување на земјиштето?“, се вели во реакцијата на министерстовто.