Отворање на Археолошкиот Музеј на Македонија

По повеќе од 30 години, Република Македонија ќе добие најсовремен музејски простор за соодветно чување и презентација на богатото движно културно наследство кое е потврда на милениумскиот цивилизациски континуитет на нашите простори.

Највредните примероци на македонското културно наследство ќе бидат претставени во новиот, репрезентативен објект на Археолошкиот музеј на Македонија, кој вечерва свечено ќе биде отворен.

На три ката и површина од 6.000 квадратни метри пред јавноста ќе бидат изложени повеќе од 6.000 артефакти од сите историски периоди, почнувајќи од праисторијата па до средниот век.

Министерството за култура соопшти дека првпат и ексклузивно пред јавноста ќе биде претставен значаен дел од артефактите.

Меѓу кои: рановизантиските оригинални мозаици од локалитетот Суводол, копијата од саркофагот на Александар Македонски, штитот од 3 век пр.н.е. од локалитетот Бонче, реконструкцијата на римската кочија од втор век од Делчево, како и стаклената чаша дијатрета од 4 век.

Музејот има повеќе оддели за праисториска археологија, античка и средновековна археологија, кабинет за нумизматика, лапидариум, антрополошка поставка… Покрај богатата археолошка поставка Музејот е опремен и со стаклени витрини, 15 восочни фигури, 83 уметнички слики, видеоанимации, амбиентални ситуации, мозаици од вредното културно наследство, а има и реконструкција на објекти од неолитот, современо музеолошки конципирана.

Повеќевековната историја и култура на територијата на Република Македонија претставена преку експонатите во музејот ќе биде автентично раскажана, со употреба на најсовремена музејска технологија, специфично светло и амбиентална музика.