Отворен 19. Скопски филмски фестивал

„Сен Амур“ е најнов филм на белгиско-францускиот режисерски  двоец Беноа Делепин и Густав Керверн, со Жерар Депардје и Кјара Мастројани во главните улоги, во кој се појавува и познатиот француски писател Мишел Уелбек.

Фестивалот ќе продолжи до 30 април и ќе понуди 80-ина филмови кои ќе се прикажуваат во кината „Милениум“ и „Форсина“ и во Кинотеката на Македонија. Меѓу нив е и скопската премиера на филмот „Лазар“, македонско-хрватска копродукција  во режија на Светозар Ристовски.

Во соработка со Амбасадата на Шпанија, организирана е и ретроспектива на филмови на режисерот Педро Алмодовар, во која ќе бидат прикажани неговите рани дела. На годинашниот СФФ е и програмата на авторски филм (во селекција на Татјана Јаневска), Панорама на светскиот филм –  за која селекцијата, како и за програмата Фокус на францускиот филм, ја направи Навид Сарем од Франција. Тој е професионалец во европската филмска индустрија и од Париз пристигна во Скопје специјално за фестивалот.  Во соработка со Кинотеката на Македонија, пак, ќе биде прикажана програмата Фокус на тајванскиот филм.

Ќе има и најнови  кратки и документрарни фимови од македонската продукција.

Селекцијата на кратки филмови ја направи филмскиот критичар Владан Петковиќ од Србија, кој пишува за „Screen Intrnational“ и е селектор за неколку фестивали.

Во рамки на документарната програма, утре во Кинотека на Македонија ќе биде прикажан македонско-германскиот долгометражен документарен филм „Маргина“ на режисерот Љупчо Темелковски.  Документарецот е за ромско семејство кое се издржува со препродажба на дрва за огрев, но, опкружено со расизам и омраза, семејството решава да емигрира.