Македонија

Отворен центар за палијативна грижа во Охрид

Отворен центар за палијативна грижа во Охрид

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска во рамките на работната посета на Охрид го отвори првиот Центар за палијативна грижа на пациенти, што ќе функционира во рамките на Општата болница во градот, пренесува МИА.

– Станува збор за оддел во кој ќе се третираат терминално болни пациенти. Овој проект го започнавме поради трендот на стареење на населението во земјата и оттаму се поголемата потреба за вакви центри, во кои ќе се води нега на пациенти кои се проблем за домашна нега, истакна тој.

Во почеток во болницата во Охрид Центарот за палијативна нега ќе има шест кревети, со тенденција истиот да биде проширен, а предвидено е и отворање на слични центри во сите поголеми населени места во земјата.

– На овој начин интенција е да се излезе во пресрет на што поголем број семејства кои имаат потреба да се грижат за нивните блиски, за што немаат соодветно искуство, знаење, а истовремено да се изложени на сериозни финансиски издатоци за ангажман на медицински сестри, негувателки, додаде Тодоров.

Директорот на Општата болница во Охрид Љубен Арнаудов изрази благодарност што Министерството за здравство донело одлука токму тука да го отвори првиот Центар за палијативна грижа.

– Имаме искуство со оваа проблематика, знаеме колку е тешко да се води грижа за стари, изнемоштени лица, терминално болни. Ќе бидеме на ниво на задачата и ќе ја спроведеме оваа програма, истакна тој.

Станува збор за прв центар за палијативна нега, во рамки на проектот најавен од Владата за реализација за 2017-18 година, но кој со дополнителни напори веќе почнува да се реализира.

Во однос на проблемот со кој меѓу другите се соочува и Општата болница во Охрид со дефицит на лекари – специјалисти, министерот Тодоров потсети дека со последните измени на Законот за здравствена заштита се овозможува лекари од една да бидат испратени во друга здравствена установа и на тој начин да се премости проблемот со недостиг на кадри.

– Фактот што подолго време немало доволен број вработувања и специјализации, доведе до оваа ситуација. Преку проектот „Наш специјалист“ предвидена е специјализација на 300 до 400 лекари годишно на ниво на државата. Идејата е сите на сите општи лекари кои имаат амбиции да имааат шанса да се дошколуваат, да специјализираат и на тој начин на долг рок да се најде решение за проблемот со дефицит на лекари – специјалисти, истакна министерот Тодоров.