Отворен ден на Факултетот за физичко образование за матурантите од Спортската Академија

На иницијатива на директорот на „Спортска академија“, Дејан Јовановски, првата генерација матуранти од оваа образовна институција денеска присуствуваше на „Отворениот ден“ и запознавање со програмите за студирање на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОЗС), пренесува Дерби.мк.

Првите луѓе на ФФОЗС се обратија кон актуелните млади спортисти кои се пред голема одлука за сопствената академска кариера.

Деканот Вујица Живковиќ ја поздрави иницијативноста и залагањата на директорот на Академијата,  Јовановски, посочувајќи ја нашата кошаркарска легенда како пример за идните генерации. Тој ја потенцираше улогата на ФФОСЗ како нивна матична средина, каде што секогаш имаат отворени врати за едукација, но и за совети околу сопствените кариери, тренинг и исхрана.

Најбитна е нашата двојна улога, од една страна како место за секој спортист кој сака да напредува во кариерата, но од друга страна да биде подготвен за она што го очекува натаму во животот откако ќе заврши со активното бавење со спорт. Оние спортисти кои ќе се определат за ФФОСЗ ќе можат да останат во контакт со спортот целиот свој живот, рече Живковиќ.

ФОТО: Дерби.мк
ФОТО: Дерби.мк

Од продеканите Ленче Здравковска Величковска и Мирослав Наумовски, матурантите од „Спортската академија“ можеа да слушнат повеќе детали за организациската поставеност на факултетот, како и за Институтот за спорт кој активно работи со некои македонски спортисти, вклучувајќи ги освојувачите на медали од светот на каратето, како и за наставните програми, при што постои можност да се определат за образование во насока за професори по физичко образование или за спорт. Беа претставени и повеќе други соработници и професори на факултетот кои на дел од матурантите им се познати како стручни соработници или тренери во спортовите каде што работат со најдобрите сениори и репрезентативци на Македонија.