Македонија

Отворен ден со „волците“ и „ренџерите“ на АРМ

Отворен ден со „волците“ и „ренџерите“ на АРМ

Во касарната ,,Илинден“ во Скопје утре со почеток во 11 часот ќе се одржи Отворен ден на полкот за специјални операции(пСО) на АРМ.

 На Отворениот ден припадниците на пСО пред посетителите ќе се претстават со изложба на борбените средства, техниката и опремата со кои се опремени. Покрај изложбата на техниката и опремата, ,,волците“  и ,,ренџерите“ на АРМ, ќе демонстрираат: дел од обуката на мултифункционалната алпинистичка кула, тактичка вежба ,,блиска борба – заседа“, обука за обезбедување на високи воени раководители, употреба на беспилотни летала и хеликоптер, а ќе ја презентираат и обуката во боречки вештини.

 Отворениот ден на пСО, се организира во рамките на одбележувањето на јубилејот ,,20 години сили за специјални операции“ и Денот на пСО, кој оваа единица го прославува на 1-ви март. Во рамките на активноста, предвидено е изјава за медиумите да даде командантот на пСО бригаден генерал Васко Ѓурчиновски.

Вратите на касарната ,,Илинден“, утре ќе бидат отворени за граѓаните на Скопје и Република Македонија од сите возрасти, кои ќе имаат одлична и несекојдневна прилика да се дружат со специјалците на АРМ и на тој начин да видат дел од вештините кои тие ги поседуваат.