Отворен дневен центар за лица со интелектуална попреченост во Капиштец

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски го отворија новиот Центар за лица со интелектуална попречаност на лица над 18 години, на улица „Васил Ѓоргов” бр.4, во Капиштец.

Отворањето на новиот Дневен центар за лица со интелектуална попреченост, што е резултат на заедничката иницијатива на Градот Скопје со Министерството за труд и социјална политика и Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „ПОРАКА” Скопје.

Otvoranje Dneven centar PORAKA (1)

– Министерството за труд и социјална политика помогна во обезбедувањето на овој објект и негово целосно реновирање и ставање во функција. Дополнително имаше и огромна поддршка од Градот Скопје а со средства учествуваше и Републичкиот центар за лица со интелектуална попреченост„Порака“.Овој центар ќе биде одлична поддршка на родителите на лицата со интелектуална попреченост, одлична форма на вонинституционална заштита и згрижување на овие лица, нивниот ден ќе биде исполнет со значајни содржини и програма која што ќе им помага во текот на секој ден да ги унапредуваат своите вештини и подобро да се снаоѓаат во секојдневието, рече Спасов.

Тој истакна дека Министерство за труд и социјална политика дава интензивна поддршка на Републичкиот центар за лица со  интелектуална попреченост и за оваа година одвоени се средства во износ од околу 9.400.000 денари за сите дневни центри кои што се под нив, меѓутоа исто така и за остварување на нивната годишна програма и  активности на ниво на Република Македонија  за лицата со интелектуална попреченост.

Otvoranje Dneven centar PORAKA (2)

– Од тие средства издвоивме и 500.000 денари за набавка на дополнителна опрема која што им е потребна на овој Национален сојуз. Како министерство оваа година имаме интензивни активности во отворање на нови дневни центри за деца со попреченост ширум Република Македонија. Очекуваме во наредниот период да се отворат дневни центри за деца со пречки во развојот во Битола, Велес, Штип, Кочани, Валандово, Липково  и Охрид. Како министерство во соработка и со Градот Скопје меѓутоа и со сите останати Општини ќе продолжиме со низа инвестиции, низа мерки и активности во делот на зголемување, унапредување и проширување на мрежата на дневни центри и за деца и лица со пречки во развојот меѓутоа исто така и во поголема финансиска поддршка на родителите на овие лица и деца  и со збогатување на содржината за работа на самите дневни центри, информираше Спасов.

Градоначалникот Трајановски потенцира дека со отворањето на сервисна служба за поддршка на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства во локалната заедница, Град Скопје ги потврдува своите заложби за обезбедување подобри услови за лицата со посебни потреби и воедно се надоврзува на приоритетот на Министерството за труд и социјална политика за развивање на мрежата на дневни центри за лица со интелектуална попреченост.

– Водени од грижата за секој поединец и можноста да се обезбедат еднакви шанси за негов развој и напредок денеска заеднички ги отвораме вратите на новиот дневен центар за лица со интелектуална попреченост, во Капиштец. Центар кој треба да обезбеди дневно згрижување и престој, нега, исхрана, психосоцијална рехабилитација и реедукација, советодавна работа и услуги на организирано поминување на времето на лицата со попреченост во интелектуалниот развој. Во дневниот центар во кој ќе бидат опфатени  лица со умерена и тешка интелектуална попреченост на возраст над 18 години, ќе се изведуваат програмски активности кои ќе се однесуваат на реализација на индивидуална програма за работа за секое лице, но ќе има и програма за групни активности, како и работа со родителите на корисниците. Сево ова ќе овозможи оспособување за самостојно живеење, социјализација и интеграција на лицата со интелектуална попреченост во локалната заедница, работно-окупациони активности, практични и социјални активности, изјави градоначалникот Т рајановски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.